Македонија
13. January 2020 - 16:43

Судењето за „ТНТ“ од почеток – за одбраната победила правдата, за обвинителството се одолговлекува постапката

Поротничката во предметот ТНТ за која битка водеа судот и одбраната, поднесе оставка.. На денешното рочиште судот информираше дека во неотповикливата оставка Лилјана Кочковска напишала дека тоа го сторила поради истечениот мандат, возраста и здравствени проблеми.. Според одбраната со тоа се задоволила правдата.

„Сите сценарија кои од кривичниот суд сакаа да ги наметнат, особено дека правиме притисок врз поротничката дека има закани, сепак надвладеа разумот и победи правдата во државата. Се докажа дека сето тоа што Кривичниот суд го пишуваше против нас дека не е точно“, изјави Јовица Страшевски, Адвокат.

За Кривичниот суд оставката не е задоволување на правдата туку доказ за притисоците кои ги трпела поротата.

„Предупредувањата за евентуални притисоци, закани како и обиди за одолговлекување на предметот ТНТ а за кои судот побара да бидат преиспитани од надлежните институции, излегоа на виделина. Судијата поротник кој беше прозиван, а му беше и посочено дека ако се појави во судот прави кривично дело, денеска достави неотповиклива оставка“, пишуваат во соопштението од кривичниот суд..

Судијата Огнен Ставрев сега одреди нов поротник а и негова замена.. Судењето веќе утре треба да стартува од почеток.. Но Ставрев се надева дека наместо секој доказ и сведок одново да биде презентиран во судницата, постапката ќе се забрза и ќе бидат прочитани само пишаните записници.. Но според законот за тоа му е потребна согласност од обвинетите и обвинителството.. Тие веќе наговестуваат дека овој предлог на судијата нема да добие поддршка..

„Јас на пример само два часа имав извршено увид во постапката и од доказите не знам ништо.. Значи има два начина, едниот е да се произведат доказите, второ е да се читаат. И едното и другото како ќе одлучи мнозинството, така и јас ќе го прифатам, нема да правам опструкции во постапката зошто во интерес ни е да ја докажеме правдата и вистината“, изјави Страшевски, Адвокат..

„Мислам дека нема да се согласи одбраната да се прочитаат исказите и да се одвива побрзо судењето, затоа што нивната цел мислам беше поинаква – да се одолговлечи постапката и да трае можеби година-две дополнително“, изјави Бурим Рустеми, Јавен обвинител.

Според сопственикот на Космос кој за овој случај се надева на обештетување, оставката на поротничката ја изнудила мафијата..

„Се сомневам дека самоволно дала оставка и дека е поткупена од мафијата која што владее во Македонија или од некои закани. Како што видовте, судењето ќе почне од почеток, но јас верувам во правосудниот систем и верувам дека овој процес многу брзо ќе заврши“, изјави Фијат Цановски..

Десетина дена одбраната и судот водеа битка за тоа дали треба да продолжи судењето со поротник чиј мандат завршил.. Адвокатите тврдеа дека со тоа се прекршуваат законите, кривичниот суд пак инсистираше поротничката да суди се додека Судскиот Совет не донесе конечна одлука на 27ми јануари.