Балкан
14. јуни 2017 - 22:29

Судија на ОН во Турција осуден на 7,5 години затвор за врски со Ѓулен

Турски суд денеска осуди судија од Меѓународниот суд на ОН на повеќе од седум години затвор по обвинение за врски со организацијата на муслиманскиот проповедник Фетула Ѓулен, кого Турција го обвинува за неуспоешниот обид за преврат од минатиот јули, пренесоа турските медиуми.

Судијата Ајдан Седаф Акај беше уапсен во септември 2016 година. Денеска судот во Анкара го осуди на седум години и шест месеци затвор.

Акај, за кого било утврдено дека ја користел мобилната апликација Бајлок (ByLock), беше прогласен за виновен за членство во терористичката организација. Се смета дека оваа апликација ѓуленистите од ФЕТО ја користеле во комуникацијата за подготовка и реализирање на обидот за превратот.

Судијата беше ослободен од притвор до потврда на пресудата од Врховниот суд. Наредено му е да не ја напушта земјата.