Македонија
18. May 2020 - 16:46

Судска медицина го утврдува идентитетот на пронајденото тело кај Горна Матка

Заврши обдукцијата на телото кое во петокот полициски службеници го пронајдоа во импровизирана гробница во близина на Горна Матка. Извори од Судска медицина за Сител велат дека станува збор за убиство, но се уште се работи на идентификација на телото. Земени се примероци од ДНК, но на телото биле пронајдени и белези кои се испратени до МВР и кои би требало да помогнат во побрзо идентификување на лицето.

При обдукцијата е утврдено дека лицето е на возраст помеѓу 30 и 50 години, а не меѓу 25 и 40, како што беше кажано веднаш по завршување на увидот.

Извори велат дека карпата каде што беше пронајдена импровизираната гробница била користена за рекреативно пукање со огнено оружје, затоа и при увидот се пронајдени поголем број на чаури.

Во петокот околу 19 часот полициски службеници при обиколка на стариот планински пат кој од западниот дел на градот води кон Јасен пронајдоа тело кое се уште не било во фаза на распаѓање. Почувствувале неподнослива миризба, па кратка потрага од каде доаѓа миризбата го пронашле телото. Во саботата кога се вршеше увид на местото полициските службеници откопуваа во околината за да проверат дали на местото можеби има повеќе трупови, но ова е единственото тело кое го најдоа.