Свет
26. January 2022 - 8:31

СЗО: Омикрон создава високи ризици за здравјето

Нивото на ризик поврзано со варијантата Омикрон останува многу високо, соопшти СЗО, откако бројот на нови случаи на Ковид-19 достигна нов рекорд минатата недела.

– Пријавени се повеќе од 21 милион нови случаи, што е најголем број неделни случаи пријавени од почетокот на пандемијата, соопшти Светската здравствена организација во своето неделно епидемиолошко ажурирање за коронавирусот.

Здравствената агенција на ОН соопшти дека бројот на нови случаи се зголемил за пет отсто во седмицата до неделата, во споредба со 20 отсто зголемување во претходната недела.

– Глобално, има побавен пораст на бројот на заболени, соопшти СЗО.

Организацијата информира дека се регистрирани скоро 50.000 нови смртни случаи, слично како и претходната недела. Во извештајот се вели дека Омикрон продолжува да доминира.

– Тековната глобална епидемиологија на САРС-КоВ-2 се карактеризира со доминација на варијантата Омикрон ширум светот, континуиран пад на преваленцијата на варијантата Делта и многу ниско ниво на дистрибуција на Алфа, Бета и Гама соевите, соопшти СЗО.

Во земјите каде што имаше брз пораст на случаите на Омикрон во ноември и декември 2021 година, се забележува мало намалување на случаите. Сепак, „врз основа на моментално достапните докази, севкупниот здравствен ризик поврзан со варијантата Омикорн останува многу висок, нагласи СЗО.