Македонија
20. July 2017 - 16:11

Tачан: Решение за името и реформи па покана за НАТО

Решавањето на спорот за името со Грција автоматски не носи покана за членство на Македонија во НАТО. Помошникот на генералниот секретар на НАТО, Илдим Тачан изјави дека е точно дека заклучокот од Букурешт вели дека покана за членство ќе се врачи штом се изнајде взаемно прифатливо решение за името, но и дека на следните два самита во Велс и Варшава е наведен и недостаток на реформи.
 
,,Но, кога ќе ја прочитате декларацијата од варшавскиот самит, во неа исто така се зборува и за важноста од спроведување реформи. Имаме стандардна процедура за завршување на пристапувањето, односно покана за пристапување на земјите аспиранти, што ќе биде оценувано според сите потребни критериуми, а кои се наведени во декларацијата‘‘, изјави Тачан.
 
Тачан, кој по подолго време е прв висок дипломат на Алијансата што ја посети Македонија, додава дека гледа одлучност кај Владата за спроведување голем број реформи и порачува дека интензивното темпо на политичкиот процес ќе обезбеди високи стандарди кои ќе ја доведат државата поблиску до членството во НАТО. 
 
,,Го уверив амбасадорот Илдем дека новата влада ќе ги удвои реформските напори и веќе активно работи на отстранување на сите пречки или на некој начин зададени задачи од самитот на Алијансата во Варшава‘‘, изјави министерот Димитров.
Според Тачан решавањето на тешките прашања, како тоа со Грција, но и со другите соседи ќе донесе позитивни резултати во регионален контекст.