Балкан
14. November 2016 - 13:02

Тачи: Договорот за телекомуникациите отвора пат кон дигитализација на Косово

Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска оцени дека договорот за примена на спогодбата за телекомуникации „ја засилува позицијата на Косово“ во областа на телекомуникациите и го отвора патот кон процесот на дигитализација.

„Позицијата на нашата земја е со добивање на нов повикувачки број уште повеќе да се засилиме во областа на телекомуникациите на меѓународната арена. Повикувачкиот број +383 е сопственост на Косова, со кој ќе управуваат нашите институции“, наведе Тачи на Фејсбук, а пренесе сајтот Коха.нет.

Тој додаде дека со тоа ќе се елиминираат сите нелегални активности и моментални пречки.

„Сега на Косово му е отворен патот кон дигитализација“, напиша Тачи.

Договорот предвидува пренос на имотот на Телеком Србија врз новата фирма ќерка без царина или дополнително оданочување, продолжување на давањето услуги на досегашните корисници на Телекомот и доделување на троцифрен повикувачки број за областа Косово.