Македонија
3. May 2017 - 17:06

Талат Џафери влезе во кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија

Талат Џафери денеска дојде на работа во кабинетот на претседателот на Собранието. Собраниските служби информираат дека Џафери заедно со членовите на својот кабинет работи на  формално административни работи, за нормално функционирање. Чинот а примопредавање бил извршен најнормално како што доликува на принципите на парламентаризмот соопшти кабинетот. Џафери претпладнево го примил амбасадорот на ЕУ Самоул Жбогар, кој како што информираат службите уште еднаш му го честитал изборот. На средбата Џафери истакнал дека тој со преземањето на функцијата  ќе работи на јакнење на демократските процеси и остварување на парламентарната демократија, како и дека очекува брзо формирање на новата Влада. 

Жбогар објави порака на твитер во која вели, Европската унија е подготвена да работи со новиот претседател Џафери за потребните реформи за Евроатлантската интеграција на земјата. Информацијата од парламентот е дека е испратен допис до Службен весник во кој се бара одлуката на мнозинството за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието да биде објавена со што тој ќе ја преземе функцијата.

На официјалната веб страна на Собранието веќе е објавена слика и биографија на новиот собраниски спикер Талат Џафери од редовите на ДУИ.

Не остана незабележано од медиумите  дека Талат џафери веднаш по неговото доаѓање во кабинетот постави албански знамиња . Албански знамиња се поставени  под сликата од великанот на македонското сликарство, Никола Мартиноски, во заднина, како и на работната маса и тоа како прво знаме пред знамето на РМ и ЕУ.

ВМРО ДПМНЕ доаѓањето на Талат Џафери го коментираат како обид за нелегален избор на претседател на Собранието.

Институциите и вработените во нив се должни да овозможат спроведување на мнозинската волја на граѓаните, реагира со соопштение СДСМ.

Неопходно е новиот претседател на Собранието, избран на законски и легитимен начин, целосно да ги преземе одговорностите по Деловник, Устав и закон кон граѓаните и државата.

Врвен државен интерес е мирен трансфер на власта и формирање на новата реформска Влада и тоа брзо ќе се случи.

Во најскоро време Талат Џафери ќе го информира Ѓорге Иванов дека постои декларирано парламентарно мнозинство и дека Иванов е должен да му го даде мандатот на претседателот Заев за формирање на новата Влада, се вели во соопштението од СДСМ.

Според експертската јавност признавањето  на Џафери од Хојт Ји и од Брисел не значи дека тој е легитимен. Професорот Жидас Даскаловски за весникот Дневник вели дека опасно е да се премине преку нелегалниот избор на пратеникот од ДУИ Талат Џафери за претседател на Собранието на РМ, оти, пред с`, не постои поддршка за него, но и ваквиот преседан би значел дека кој било, кога било би можел да ги крши Уставот и законите и да прави што сака.

– Никаква поддршка не може да го легитимира тој чекор, ниту во правна, ниту во политичка смисла ниту во колективното сеќавање на граѓаните. Потребно беше трпение за да дојде „живот“ во Македонија, како што беше слоганот на СДСМ. За доброто на целата држава е СДСМ да покаже државнички потези во управувањето со земјата без да ги разгорува страстите и поделбите, истото важи и за ВМРО-ДПМНЕ, но бидејќи мнозинството е кај Зоран Заев, одговорноста кај него е поголема.

Професорот на Факултетот за безбедност, Жидас Даскаловски, за „Дневник“ вели оти ваквиот избор е опасен преседан, кој ја впишува Македонија во земјите со нефункционални институции и нефункционална демократија.

Покрај универзитетските професори, голем дел и од експертскта јавност и новинарската фела го осудуваат ваквиот начин на доаѓање на Џафери  на функцијата собраниски спикер, како и неговата  провокација со поставување на албанското знаме како прво пред државното знаме во кабинетот.