Балкан
8. November 2019 - 12:57

Тања Фајон: Франција ја зеде цела ЕУ за свој заложник

Франција ја зеде цела Европска унија за свој заложник, изјави во интервју за Радио Сараево Тања Фајон, долгогодишна пратеничка во Европскиот парламент од Словенија и претседателка на Комисијата на Европскиот парламент за стабилизација и придружување на Србија кон ЕУ.

По повод неодамнешната одлука, по барање на Франција, да не се додели датум за почеток на преговори за членство со Северна Македонија и Албанија, Фајон оцени дека тоа не е славен момент за Унијата.

– Франција ја држи цела ЕУ за свој заложник, рече таа, дополнувајќи дека сега на тест е посветеноста на ЕУ кон европската интеграција на Западен Балкан. Таа потенцираше дека европската интеграција на Западен Балкан била и останува стратешка политика во заеднички интерес.

На новинарското прашање дали со таа одлука се отвора простор за влијание од земји како Русија, Кина и Турција, Фајон одговори позитивно.

– Сега сме во ситуација кога се уште ја чекаме новата Европска комисија. Ние, секако, бевме многу јасни дека одговорноста за неносење позитивна одлука не е во земјите кои со право се надеваат на позитивен резултат. Тие го исполнија она што го ветија. Унијата е таа која не го оствари ветеното поради внатрешни прашања. Тоа наштетува на кредибилитетот на Унијата, и не само на Западен Балкан, туку и пошироко, категорична е Фајон.

На прашањето што очекува од хрватското претседавање со ЕУ, европратеничката оцени дека Загреб ќе преземе голема одговорност, со оглед на тоа дека по првпат ќе биде на чело на ЕУ.

– Јас очекувам дека ќе ја преземе таа одговорност – одговорно и оти ќе биде пријател на сите земји од регионот, а посебно на БиХ. Хрватска има големо искуство и може да помогне на таа земја (БиХ) на европскиот пат. Тоа е сè што очекувам, рече Фајон, дополнувајќи дека нејзините очекувања ги споделуваат многумина во Брисел.