Македонија
17. January 2023 - 16:32

Таравари ќе ја спасува владата од избори, Ахмети тврди дека не се плаши од „огнените“

Таравари ја враќа можноста Алијанса на Албанците со 8 пратеници да го засили мнозинство на Ковачевски и Ахмети и со тоа да стане трета албанска партија во Владата, по ДУИ и Алтернатива. 

Лидерот на Алијанса се врати на оваа идеја откако пред Нова Година се појавија информации дека тој ја одбил понудата на Ковачевски за две до три министерски фотелји како недоволна. Сега Таравари, вели дека Алијанса може да биде дел од Владата затоа што тоа го бара меѓународниот фактор, но ако тоа не се случи треба веднаш да има избори.

„Постои можност за влез во Владата. Конкретна понуда нема, но ние сме во постојана комуникација. Гледате како е во Собранието. Мислам дека сме 60-60. Собранието не може да создаде мнозинство без помош на Алијансата. Ако не станеме дел од Владата, тогаш одиме на избори. Нема друго решение. Сепак, приоритет за нас се уставните измени и затоа сме спремни да станеме дел од Владата за да го помогнеме процесот“.

Таравари коментира и дека Алијанса и ВМРО-ДПМНЕ се дистанцирале иако се уште постои комуникација во парламентот.

Од опозциската партија пак, го прашуваат Таравари кој е тој меѓународен фактор што му сугерирал влез во Владата.

На прашањето пак, дали државата е поблиску до стабилна Влада или до избори, лидерот на ДУИ Али Ахмети пак, вели дека мнозинството ќе расте во име на евроинтеграциите. Сепак за тоа дали ДУИ се плаши да оди сама на избори дава резервиран одговор.

„Мислам дека парламентарното мнозинство е стабилно, но има еден поопширен и поперспективен пристап, значи да се прошири тоа мнозинство и да се создаде една алијанса за Европа...  Се обидоа да ја победат ДУИ, но изгубија. Тогаш, ајде сите да размислиме малку и да ја надминеме гордоста и да видиме како ќе изградиме фронт за да го забрзаме патот кон ЕУ“.

Според Ахмети на мнозинството не влијае и тоа што Огнената група располага со неколку пратеници и е се подалеку од раководството на ДУИ.

„Не, никој досега не е исклучен од ДУИ. Тоа се мои пријатели, мои соработници, имаат многу погрешен пристап, анализите што ги прават, значи јас сум Ким Џонг-Ун како се вика овој Севернокореец. ДУИ е, мислам, една од најдемократските партии, најотворената на овие простори и ќе работиме уште понапорно да бидеме максимално транспарентни, така што ова нема врска со диктатура“.

Сепак, на денешниот партиски настан на плоштадотр Скендер Бег немаше претставници од оваа група предводена од пратеникот Изет Меџити.