Македонија
29. January 2020 - 17:11

Телеграм ја избриша „Јавна соба“, ќе има ли одговорност за сите кои биле сведоци но не пријавиле

Телеграм ја затвори скандалозната група “Јавна соба” во која беа споделувани порнографски содржини дел и од малолетнички. Иако МВР информираше дека во понеделникот биле приведени креаторот и администраторот на групата, се уште против нив не е поднесена кривична пријава до обвинителството.

- Надлежниот јавен обвинител активно постапува и денеска одржа работен состанок со претставници од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи и од Единицата за економски и компјутерски криминал во СВР-Скопје. На состанокот беа анализирани досега прибраните податоци и беа дадени насоки за следните чекори кои треба да се преземат со цел утврдување на фактичката состојба и прибирање докази, велат од обвинителството.

Истрагата треба да утврди колку други лица неовластено споделувале експлицитни фотографии и видеа и злоупотребувале лични податоци. Според правните експерти сите над 7000 лица кои биле дел од групата носат одговорност зошто биле сведоци на кривично дело, а не пријавиле. Адвокатот Наташа Бошкова смета дека е неопходна темелна истрага и да се испита кој се бил дел од “Јавна соба”, по информациите дека и политичари, бизнисмени, но и полициски службеници биле членови на групата.

- Присуството на полициски службеници во оваа група, ако се утврди деке тоа е навистина така, треба да се испита која е нивната улога таму, дали биле службено или не. Ако се потврди тогаш казните за службени лица се повисоки, изјави Наташа Бошкова, адвокат и правен советник во Коалицијата Маргини.

Бошкова смета дека во групата Јавна соба биле сторени повеќе кривични дела, а фокусот треба да се стави на жртвите и да им се понуди помош.

- Ние изминатиот период индиректно стапивме во контакт со дел од оштетените, но знаете срамот, стигмата се преголеми за да се преземе било што за конкретно правно дејствие за нивна заштита. Ги охрабрувам оштетените да преземат дејства со цел санкционирање на сторителите, бидејќи постојат елементи на кривични дела.Сме имале индивидуални случаи, не како дел од мрежа каде се опфатени повеќе луѓе, Сме имале постапки против портали и споделување содржини на трети лица,  додаде Наташа Бошкова, адвокат и правен советник во Коалицијата Маргини.

Според информациите од МВР во групата биле диструбуирани 800-тини слики и видеа, претежно од други социјални мрежи, но имало и порнографски содржини со малолетнички.