Македонија
21. September 2021 - 16:57

Тендерската документација открива кој бил одговорен за безбедноста на тетовската модуларна болница

Заштитата од пожар во тетовскиот ковид центар била обврска на директорот на болницата. Ова го открива заедничкиот документ на Министерствата за труд, здравство и Светската банка во кој детално се опишуват фазите на изградба, одржување и контрола на монтажниот објект. Според информациите наведени во документот, модуларната болница требало да поседува план за заштита од пожар, а тој требало да го спроведат директорот и одговорно лице во болницата.. Дали постоел ваков план и што тој предвидувал, денеска не одговори директорот на Клиничката болница, Флорин Бесими.. Ниту одговараше на телефонските повици, ниту на испратените пораки.

Според документот, Бесими имал улога на изведувач на објектот, а негова должност бил и инспекцискиот надзор. Спроведувањето на планот за работа го следеле и двајца вработени во Министерството за труд и социјала.. Тие за Сител не сакаа да говорат за својата работа на проектот, бидејќи, како што велат, Обвинителството водело истрага за случајот.

Директна надлежност за модуларниот објект имала и општината. Локалната власт во Тетово, според документот, била вклучена во контрола на изградбата на објектот, неговата функционалност и примената на заштитни механизми за што требало да има свој супервизор, а обврска да го надгледува процесот имал и градежниот инспектор.

Ден по трагедијата, градоначалникот Арифи во изјава за медиумите рече дека општината немала речиси никакви надлежности за поставување на објектот.

Очекувањето на владата е дека до крајот на неделава ќе има резултат од истрагата за пожарот што ја води обвинителството. До крајот на месецов се очекува да пристигне извештајот и на германските експерти.