Македонија
23. April 2019 - 16:18

Теренската вакцинација во училиштата засега со слаби резултати

Слаб одзив на теренската вакцинација во училиштата. Вчера од планирани 480 деца во 11 школи МРП примиле само 25. Според податоците од вакциналните пунктови од морбили со една или две дози не се заштитени уште 3500-тини ученици кои до петок тимовите ќе се обидат да ги вакцинираат. За оние родители кои нема да го почитуваат законот ДСЗИ ќе чекаат податоци од Здравствените домови. Прво ќе ги викнат на порамнување, ако за 7 дена не платат половина од казната која се движи од 300 до 600 евра ќе следува прекршочна пријава.

-И да ја платат казната тоа не ги амнестира и детето и понатаму нема да биде примено во градинка или училиште, изјави д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ.

И додека во училиштата сеуште има невакцинирани деца со МРП во 400-тини инспекциски надзори во градинките од почетокот на годината од ДСЗИ не затекнале ниту едно дете кое не било вакцинирано против морбили.

-Надзорите ќе продолжат и во градинките низ внатрешноста, додаде д-р Сотирова Бухова.

Во меѓувреме 16 годишен пациент на Инфективна и 11 месечно бебе на Детската Клиника  заразени со морбили се борат за живот. Во тешка состојба се уште двајца возрасни и 2 деца. Секојдневно се регистрираат и по 10-тина новозаболени со мали сипаници.