Свет
26. јуни 2016 - 14:07

Тереза Меј „скриен“ фаворит за нов лидер на британските конзервативци

Актуелната министерка за внатрешни работи Тереза Меј, е „скриениот фаворит“ во трката за нов лидер на владејачката Конзервативна партија, откриваат лондонските медиуми.

Постапката за избор на наследник на Дејвид Камерон, кој по поразот на референдумот за ЕУ, поднесе оставка, не е формално започната, но таа се отвори веднаш откако Камерон објави дека до октомври, до редовната партиска конференција, ќе ја води владата како „технички премиер“.

Како главни претенденти сега се споменуваат лидерот на кампањата за Брегзит, доскорешниот градоначалник на Лондон, Борис Џонсон и неговата „десна рака“ актуелниот министер за правда Мајкл Гоув.

Меѓу претендентите за наследник на Камерон уште од порано се споменуваат министерката Меј, како и актуелниот министер за финансии Џорџ Озборн.

Во нормални околности, Озборн е најсилниот кандидат, благодарејќи на неговите резултати во одржувањето на стабилноста на британската економија и на добрата состојба на финансиите и стабилноста на фунтата.

Но, во текот на кампањата за референдумот, Озборн му остана лојален на Камерон и агитираше за останување на земјата во ЕУ. Тој беше остро критикуван од Џонсон и Гоув, како и од евроскептиците и антиевропски определените ториевци кога објави дека ако се изгласа Брегзит, владата ќе донесе вонреден буџет, во кој ќе има нови буџетски скратувања и раст на даноците.

Тоа го прави Озборн неприфатлив кандидат за партиската десница, за евроскептиците и за осоколените антиевропејци кои ќе ја слават „победата над Европа“  и на партиската конференција, иако за нов лидер прво гласаат актуелните пратеници, а тие во мнозинство, се за Камерон и Озборн.

Мајкл Гоув е малку популарен во партијата, а тој важи и за нехаризматична личност, за да ја води партијата  и земјата во сегашните услови кога Велика Британија е длабоко поделена околу нејзнината иднина.

Џонсон, затоа, излегува  како најсилниот кандидат, најмногу поради неговата харизма и популарност. Негив хендикеп е однесувањето во текот на кампањата, тој отиде „премногу во десно“ за да биде лидер и нов премиер.

Некогашниот проевропеец, кој агитираше за влез на Турција во ЕУ, во текот на кампањта за референдумот стана „тврд“ антиевропеец, кој во еден момент ја спореди ЕУ со „нацистичка Европа“ во времето на Хитлер, предизвикувајќи силен гнев во Брисел и во Унијата.

Истакнати функционери на конзервативците затоа сметаат дека Џонсон не може да води една партија како ториевската и како премиер, не може да комуницира со ЕУ и Европа за која јавно има изречено бројни дисквалификации.

Во такви услови, Тереза Меј која му припаѓа на десното партиско крило, сепак, делува како „скриено“ најприфатливо решение за наследник на Камерон, особено што на најзина страна може да бидат сите кои му останаа лојални на лидерот и премиер во заминување.