Македонија
6. December 2024 - 16:59

Тик Ток летот на „Супермен“ што ги приземји македонските ученици со сериозни повреди

Скршеници, набиеници и сериозни повреди – ова не е сценарио од акционен филм, туку реалноста со која се соочуваат деца од 10 до 16 години низ училиштата во Македонија. Популарниот ТикТок предизвик „Супермен“ ги одведе 11 ученици директно во амбулантата на Клиниката „Св. Наум Охридски“ во изминатите неколку дена. Директорот на болницата потврди дека сите повреди настанале додека младите се обидувале да „полетаат“ како суперхерои, но завршиле со посети кај докторите наместо со аплаузи на интернет. Министерката за образование вели, учениците треба да се насочат кон едукативни, а не тик ток предизвици. Забраната за мобилни телефони во училиште, нема да даде ефект.

Стремежот да бидат „во тек“ со трендовите на социјалните мрежи, комбиниран со прекумерната употреба на мобилни телефони, е главниот виновник за сѐ почестите ризични однесувања кај децата, предупредуваат психолозите. Според нив, младите се лесно подложни на притисокот од врсниците и дигиталниот свет, што ги тера да се впуштаат во активности без да размислат за последиците. Решението, велат експертите, е во едукацијата – децата треба да научат да разликуваат што е безопасна забава, а што сериозна закана за нивната безбедност.

Во Романија, 20 деца за еден ден завршиле во болница со скршеници и тешки повреди поради опасен предизвик на социјалните мрежи. Слични случаи се пријавуваат во Израел, а апели за претпазливост пристигнуваат и од Бугарија, Италија и други европски земји. Во Франција, седум семејства ја тужат платформата ТикТок, обвинувајќи ја за изложување на децата на штетни содржини, што резултираше со две самоубиства на тинејџери.

Австралија веќе воведе закон со кој се забрануваат социјалните мрежи за деца под 16 години, а други земји размислуваат за слични мерки.