Македонија
30. October 2017 - 14:22

Тимоние: Мора да испорачете добри вести за приближување кон ЕУ

Јавното француско мислење се уште е чувствително во однос на проширувањето кон исток и затоа денес е многу важно во земјите од Западен Балкан, патот на изборите, патот на демократската стабилизација да почива врз силен консензус во земјата внатре затоа што стабилизацијата овде и сега и сликата која се праќа за политичката стабилност е нешто што ќе биде од суштинско значење за приближувањето на сите земји од регионот кон ЕУ.

Ова го истакна францускиот амбасадор Кристиан Тимоние во своето предавање на Факултетот за безбедност-Скопје во рамки на Дипломатскиот форум на тема „Француската надворешна политика, Европската Унија и Балканот“.

Тој нагласи дека Париз посакува целиот регион да го види во ЕУ, но од друга страна вели, регионот треба да испорача добри вести, а добри вести има, особено и кога има тешки моменти, посочувајќи го примерот со улогата на Македонија во мигрантската ккриза.

- Македонија одигра значајна улога за безбедноста на Европа, штитејќи ги границите во текот на мигрантската криза и со тоа можеби се покренаа низа идеи во однос на сето она што може да се случи кога Западен Балкан ќе влезе во Унијата. Преку таа криза сфативме, а особено јавното мислење сфати дека сепак секој си ги штити своите интереси, но и ЕУ има силен интерес не само да го искористи капацитетот на овие земји, туку и да ги придружува, поддржува и да ги интегрира во сите наши напори, вели амбасадорот Тимоние.

Тој нагласува дека мигрантската криза одигра значајна улога, но вели, тоа не треба да биде единствената карта на која ќе играат земјите од Западен Балкан, иако, посочува, некои земји веќе успеаја тоа да го кажат - ќе ја држиме границата затворена, а другото завршете го вие.

- Сепак, дијалогот од областа на безбедноста и размената на информации е од суштинско значење. Тоа е силен елемент кој повторно ќе се најде на маса кога ќе се зборува за позитивните перцепции, а тоа ќе ни овозможи да го изградиме мислење кај француската јавност во однос на Македонија како голем партнер за нашата безбедност. Токму тој аспект ќе треба да го искористиме и во рамки на ЕУ, ќе треба да се постигне демократска стабилизација, затоа што негативната слика за земјите од Западен Балкан е се уште силна од минатото и тоа е единствената точка која ќе ни овозможи да ја подобриме сликата, истакнува Тимоние.

Втората важна точка, според него, е поддршката која ја даваат земјите од Западен Балкан за безбедноста генерално во ЕУ, а како трета точка го посочува регионалното помирување затоа што демокартска стабилизација не може да се направи без регионално помирување во однос ма ислученоста на националистичките политики.

- Безбедноста нема да може да се гради без да соработуваме заедно. Тоа е важно за евроспката интеграцџија и за интеграцијата во НАТО, нагласува Тимоние.

Тој се наврати и на идеите за Европа презентирани од францускиот претседател Емануел Макрон на Сорбона за Европа што не штити, каде безбедноста и воената димензија ќе бидат посилни, а каде беа спомнати и земјите од Западен Балкан. Според Макрон, работата која се спроведува сега и која ја прави Франција не е екслузивна само за земјите од Западен Балкан туку работа која ќе им овозможи на овие земји да си го најдат заслуженото место во таа заедница која е многу посложена од она што појдовно се размислувало за Унијата.