Македонија
6. December 2016 - 21:29

Трајанов ги повика неопределните в недела да излезат на гласање

Носителот во Првата изборна единица на Коалицијата за промени и правда - Трет блок, Павле Трајанов од Демократскиот сојуз денеска на митингот во Паркот Жена ги повика Скопјани, посебно неопределените и тие што досега не гласале, во недела да излезат на предвремените парламентарни избори. 

- Коалицијата за промени и правда нуди стабилност, единство и сплотеност. Промените се Македонија да ја „исчистиме“ од политичката мафија, да се ослободиме од стегите на „криминалниот режим“, за законите да важат подеднакво за сите. Да воспоставиме систем, каде способните, врвните професионалци ќе имаат еднакви шанси, да создаваат, работат и творат во Македонија, рече Трајанов. 

Професор д-р Весна Антовска, рече дека се неопходни промени и подобрување на состојбите во здравството во Република Македонија и тоа веднаш.  

Клучни приоритети за Коалицијата за промени и правда се здравствен систем кој овозможува универзална здравствена заштита на сите граѓани дури и на оние без здравствено осигурување преку формирање на посебни фондови за посебни категории на граѓани, зголемување на квалитетот на здравствените услуги, намалување на здравствените трошоци и зголемена достапност на здравствените услуги, зголемена достапност на здравствените услуги преку отварање на амбуланти и аптеки секаде каде не постојат или мобилни единици кои ќе се грижат за населението, зајакната примарна заштита на населението со поактивно учество на семејниот лекар, редовни периодични прегледи и задолжителни скрининг програми за пациенти со фамилијарна анамнеза за малигни, срцеви заболувања и дијабетес, и целосна трансформација на проектот „Мој термин“ преку предвидување на доволно време за медицински третмани (најмалку 30 минути) на пациентите и определување доктори од терцијалната дејност за прием на пациентите со приоритетен упат и др.