Македонија
11. October 2017 - 16:07

Трајановски најави продолжување на булеварот „Борис Трајковски“ до Драчево и нов кружен тек

Нови и модерни сообраќајни решенија во насока на подобрување на сообраќајот во Скопје е еден од главните приоритети на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ за наредните 4 години.

Едни од капиталните проекти за подобрување на сообраќајот во Скопје е четвртата фаза од проектот за реконструкција и проширување на булеварот „Борис Трајковски“ во Кисела Вода.

Деталите за овој капитален проект денеска на прес-конференција ги соопшти кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, Коце Трајановски.

- Со овој проект е предвидено продолжување на проширувањето и реконструкцијата на булеварот „Борис Трајковски“ од влезот во населбата Пинтија или крајот на фабриката Охис, па се пред влезот во населбата Драчево кај Маркова река. На крајот од булеварот, на сегашната раскрсница помеѓу „Борис Трајковски“, улицата „Јустинијан Први“ и регионалниот пат кој продолжува кон Батинци и Козјак ќе се изгради нов кружен тек. Станува збор за реконструкција и проширување на потег во должина од околу 1600 метри, каде ќе добиеме булеварско решение со четири сообраќајни летни, нови тротоари, велосипедски патеки, осветлување и булеварско зеленило. Со реализацијата на овој проект, како и реализацијата на претходните три фази, ние го добиваме еден од најдолгите булевари во Скопје кој што ќе овозможи побезбеден, побрз и поекономичен сообраќај за жителите на Драчево, Студеничани, Батинци, Зелениково, Пинтија и индустриските објекти кои гравитираат во овој булевар – кажа Трајановски.

Кандидатот за градоначалник Трајановски се осврна за досегашниот тек на реализацијата на проектот за проширување и реконструкција на булеварот „Борис Трајковски“, во претходните три фази. Овој булевар досега е проширен и реконструиран на потег во вкупна должина од 4.700 метри, од влезот во Кисела Вода кај Рампа, па се до крајот на фабриката ОХИС и влезот во населбата Пинтија. На овој потег, Скопје доби ново, модерно булеварско решение, со 4 сообраќајни летни, нови тротоари, осветлување, атмосферска канализација, а за реализацијата на овие проекти беа инвестирани околу 7,7 милиони евра.