Свет
12. November 2016 - 14:36

Трамп: Доколку го нападнеме Асад ќе се судриме со Русија

САД можно е да дојдат во судар со Русија доколку го нападнат сирискиот претседател Башар ел-Асад, изјави новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во интервју за „Вол стрит џорнал“.

-Мојот став беше, Вие се борите против Сирија, Сирија се бори против ДАЕШ, а Вие морате да се ослободите од ДАЕШ. Русија сега е сојузник на Сирија, а го имате и Иран кој станува моќен заради нас, а кој е сојузник на Сирија. Ние ги подржуваме бунтовниците против Сирија, а немаме поим кои се тоа луѓе, додаде тој, пренесуваат руските медиуми.

Во текот на својата предизборна кампања Трамп изјави дека актуелниот сириски претседател  Башар ел-Асад не е идеален сириски лидер, но неколкуте опозициски групи, кои можат да дојдат на власт по неговата оставка, можат да бидат и полоши.

Тој додаде дека неговиот приоритет во Сирија ќе биде да ја елиминира џихадистичката група ДАЕШ, а не да го отстрани Асад од власта.