Свет
10. May 2016 - 10:26

Трамп: Сакам да забранам влез на муслимани во САД, но Садик Кан би бил исклучок

Доналд Трамп, кој претендира на републиканска номинација за кандидат на американските претседателски избори и кој повика на привремена забрана за влез на муслиманите во САД, рече дека новоизабраниот градоначалник на Лондон, Садик Кан, во тоа би бил исклучок,, пишува весникот „Њујорк тајмс“.

- Секогаш ќе има исклучоци, рече њујоршкиот милијардер за овој весник, одговарајќи на прашањето како неговиот контроверзен предлог за забрана за влез на муслиманите ќе се примени врз Кан, син на пакистански возач на автобус и кројачка, кој во саботата беше инаугуриран за нов градоначалник на британската престолнина.

Изразувајќи задоволство од изборот на Кан, Трамп рече дека „лидер се станува со давање пример, секогаш е така. Ако (Кан) добро ја извршува својата работа... тоа ќе биде сјајно“.

Трамп изнесе идеја за забрана за влез на муслимани во САД по трагичните напади на исламистичките екстремисти во Париз и Калифорнија минатата година, потсетуваат британските медиуми.

Муслиманските и групите за заштита на човековите права, демократските ривали на Трамп и многу негови противници од редовите на Републиканците го осудија неговиот тогашен предлог како контрапродуктивен и спротивен на американските вредности.

Садик Кан (45), кандидатот на Лабуристичката партија, го порази својот конзервативен противник со рекордна разлика во гласовите.

Зборувајќи за тактиката на конзервативците Кан за британски „Опсервер“ кажа дека „тие го користат стравот во обид да ги свртат различните етнички и верски групи едни против други, како според сценариото на Доналд Трамп“.

Во интервју за магазинот „Тајм“, Кан изрази желба да замине за САД и ги види интересните програми што ги спроведуваат градоначаниците на Њујорк и Чикаги, но истакна дека во посета ќе мора да отиде пред јануари, во случај Трамп да победи на претседателските избори, на 8 ноември.

-Доколку Доналд Трамп стане претседател ќе бидам  спречен да отидам таму заради мојата вера, што значи дека не можам со американските градоначалници да разменам идеи, заклучи новиот градоначалник на Лондон.