Свет
3. February 2020 - 18:40

Трамп се потсмеваше за висината на Блумберг, кој возврати дека претседателот е „патолошки лажго“

Од штабот на Мајкл Блумберг синоќа изјавија дека претседателот Доналд Трамп е „патолошки лажго“, откако Трамп неколку часа претходно во интервју за „Фокс њус“, го нарече Блумберг „малиот Мајки“ и се потсмеваше за неговата висина.

Синоќа, пред почетокот на Супербол 54, најголемиот спортски настан во САД, во интервју за телевизијата, Трамп се потсмеваше на сметка на Блумберг за неговата висина.

-Знаете, него му треба гајба за да стои на дебатите, изјави Трамп во интервјуто за националната „Фокс њус“. И додаде: “Зошто треба да биде привилегиран со тоа. Дали сите останати треба да добијат гајба“?

Водителката на ова одговори дека „ако сакаат, треба да испреговараат гајба“.

Од штабот на Блумберг возвратија два часа подоцна.

-Претседателот лаже. Тој е патолошки лажго и лаже за се: за неговата коса, за неговата дебелина, и за неговата исончана кожа со спреј, изјавија оттаму.

Трамп по се изгледа во Блумберг гледа сериозен противник, чиј рејтинг пред партиските избори во Ајова порасна драстично, и неодамна започна критики во негов стил, давајќи му прекар „малиот Мајки“.

Трамп е висок 190 сантиметри, додека висината на Блумбер е 172 см.

Инаку, за време на Супербол, Блумберг и Трамп за политичка реклама потрошија по 11 милиони долари.