Тренчевска очекува конкретен предлог за пензионерите од крајот на месецот
Пензионерите за 20-ти септември најавија масовен протест во Скопје, зашто и по месец и половина протестирање по градовите, се уште нема конкретен одговор на нивното барања за линеарно покачување на пензиите од 3500 денари. Министерката за труд и социјала, денеска од Пробиштип информираше дека е формирана работна група, која утре ќе се состане и се надева дека ќе има конкретни предлози, посебно за пензионерите со најниски примања.
- Претставниците на институциите, дебатираат по она што е реална состојба во државата. Се споделуваат во работната група неопходните податоци за да можеме да пристапиме кон креирање на социјални мерки за пензионерите со ниски пензии. Така да, очекувам до крајот на месецот да имаме и конкретни предлози кои ќе бидат претставени и пред медиумите и пред пензионерите, изјави Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика.
Најупорни да истрајат во нивните барања беа пензионерите од Свети Николе, кои со блокади на патиштата, го искажуваа револтот од игнорантскиот однос на надлежните, но и од фактот што со 12 000 денари пензија не може да се преживее.
- Ќе се смениме еден месец, нека ми ја дадат нивната плата, а јас ќе им ја дадам мојата пензија доживотно, со 12 000 денари нека живее -изјави пензионер од Свети Николе.
- Како не може да се покачат пензиите, а тие можеа да си ги покачат платите за 80%. Тие пари, имаме каде да ги наменеме и да ги пренаменеме и може да се пренаменат- изјави пензионер од Свети Николе.
Во Македонија има над 330.000 пензионери, а една третина од нив месецот го поминуваат со минимална пензија.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар