Македонија
15. January 2020 - 16:38

Трет ден протест на пазарџиите

Хаосот на паркингот близу Зелениот пазар се прави бидејќи станарите во околните згради кои имаат гаражи ги изнајмуваат на закупците на тезга, а автомобилите ги оставаат на паркинг, тврдат пазарџиите.

-Сите ги изнајмуваат. Сите станари што имаат гаражи долу, сите ги знајмуваат како магацини, на сите од пазарот. Колите нивни ги оставаат на паркингот, а ги изнајмуваат како магацини, вели Даниел Темелковски, закупец на тезга на Зелен пазар.

Пазарџиите и денеска, трет ден по ред го блокираа Центарот на Скопје поради новата цена на паркингот која ја воведе Јавното претпријатие ПОЦ.

И покрај тоа што пазарџиите влегуваат со загуба со двочасовните протести секое утре, велат дека нема да се откажат се додека ПОЦ не ги врати старите цени од 40 денари за час.

Тврдат дека барале официјална средба со градоначалникот Богдановиќ, а тој, пак, вели дека досега такво барање не е стигнато до општината. Според него, на улица излегувале дивите продавачи, а токму тие биле најголем проблем на Зелениот Пазар.

Богдановиќ е запознаен со изнајмувањето на гаражи од страна на станарите.

-Станува збор за неколку изолирани случаи. Од 100 гаражи, да речеме, 5 луѓе изнајмуваат. Верувајте дека и тие луѓе се пријавени до надлежните институции, бидејќи тие прекршуваат други закони. Бидејќи тие продаваат алкохол без бандерола, без помината царина или нешто што е произведено дома подлежува на други работи. Тоа е вклучено и за тој што продава и за тој што изнајмува простор за продажба, вели градоначалникот Богдановиќ.

Мерките на општина Центар се по пријави на околните станари кои се жалат на оштетувања на автомобилите и кражби.