Македонија
16. October 2018 - 16:28

Три години во застој трансплантацијата на органи од починат донор

Над 150 бубрежно болни 3 години чекаат орган од починат донор. Толку време во земјава е во застој кадаверичната трансплантација. Новиот национален координатор тврди дека интензивно работеле на решавање на проблемот. Се правел точен регистар и се испитувале пациентите кои чекаат бубрег, но главни проблеми се немањето органи и недоволната свест кај семејствата за лица со мозочна смрт кои се потенцијални донори.

-Тоа што е најбитно е развивањето на трансплантацијата после мозочна смрт. Може да имаме колку сакаме центри, но доколку немаме донори нема да имаме ни трансплантација, рече д-р Маја Мојсова, Национален координатор за трансплантација.

Од здружението Нефрон очекуваат здравствените власти што поскоро да ја заживеат кадаверичната трансплантација, но неопходна е национална кампања.

-Неопходна е национална кампања во текот на целата година, за да се подигне свеста кај населението за донирање органи после смртта, бидејќи тоа е предуслов за отпочнување на кадаверичната трансплантација и спасување многу животи, изјави Душко Ѓеоргиев, претседател на здружението Нефрон.

Министерот за здравство најави дека се подготвува долгорочен систем за трансплантација и потенцираше дека наскоро ќе бидат распишани огласите за лиценци и во три приватни болници да се вршат трансплантации. Надлежните уверуваат дека се ќе биде контролирано и нема да има простор за злоупотреби.

И додека 150-тина пациенти чекаат орган од кадавер, годинава 16 лица кои имале сроден донор во семејството добиле бубрег