Балкан
3. January 2022 - 12:02

Трифонов: Бугарија да дозволи влез на Македонија во ЕУ, ако САД ги укинат визите за Бугарите

Слави Трифонов, лидерот на бугарското движење „Има таков народ“ на својот Фејсбук-профил предложи Бугарија да и дозволи влез на Северна Македонија во Европска унија, ако Соединетите Американски Држави ги укинат визите за бугарските граѓани и земјата веднаш да стане членка на Шенген зоната.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Трифонов во објавата пишува дека по толку чекање и тие треба да станат Европејци.

-Сега сме помалку Европејци од вистински Европејци. Значи барам веднаш да нема визи за САД и веднаш да станеме членка на Шенген зоната, додава тој.

Според Трифонов темата за Северна Македонија е важна за сите Бугари. -Бидејќи е дел од нашата национална историја и бидејќи над 200 илјади бугарски војници загинале за слободата и обединувањето на таа земја, смета Трифонов и додава дека бил во посета на Скопје и на бугарската Амбасада со спреј било испишано „Бугари умрете!“. -Зошто бе луѓе, што сме ви направиле за да искажувате таква омраза?, напиша Трифонов во врска со тој напис.

Во објавата, лидерот на движењето „Има таков народ“ вели дека околу сто илјади Македонци имаат бугарски пасош и додава дека за да се добие тој пасош потребно е да ги докажат бугарските корени. Вели дека со таквите изрази на омраза оние македонски граѓани, кои имаат бугарски пасош одат против самите себе, бидејќи се „Бугари по пасош и по нивна желба“.

– Во вашите учебници по историја пишува дека Бугарите се фашисти. Значи, вие самите сте фашисти, додава тој.

Трифонов потсети дека на 10 јануари кај претседателот на државата, Румен Радев ќе се одржи советодавен состанок на којшто ќе се разговара за Северна Македонија.