Свет
20. December 2016 - 13:37

Турција ги отфрла тврдењата за таен договор со Русија околу Сирија

Анкара денеска, пред одржувањето на состанокот на шефовите на дипломатии на Турција, Русија и Иран за судирите во Сирија, демантираше дека постигнала било каков таен договор со Москва околу иднината на Сирија.

Односите меѓу Русија и Турција минатата година се влошија откако турски авион собори руски воен авион над територијата на Сирија. Меѓутоа, двете земји претходно оваа година потпишаа мировен договор, иако беа на различни страни од судирите во Сирија, каде Анкара ги поддржуваше бунтовниците кои се обидуваат да го соборат од власт сирискиот претседател и руски сојузник Башар ал Асад, сепак нивната реторика значително е „ублажена“. Тоа ги предизвика шпекулациите дека Турција се согласила да му помогне на Асад да го заземе цел Алепо, додека Москва ветила дека нема да се меша во турските воени операции во северниот дел на Сирија. 

- Ние не правиме таков вид на договор. Не гледаме никаква врска, истакна турски претставник од Министерството за надворешни работи, кој побарал да остане анонимен.