Македонија
24. September 2016 - 14:32

Туск: Предуслов за решавање на мигрантската криза е тесна соработка со нашите партнери на Балканот

Претседателот на Европскито совет, Доналд Туск, кој денеска присуствува на Самитот „Мигрантската рута на Балканот“ во Виена, единствен од присутните лидери на десет европски држави, меѓу кои и македонскио премиер Емил Димитриев, утринава даде изјава пред почетокот на состанокот.
 
Како што јавува дописникот на МИА од Виена, Туск е дециден дека овој Самит е еден од клучните во Европа за справување со бегалскиот наплив, па затоа потенцира дека „предуслов за решавање на мигрантската криза е тесна соработка на ЕУ со нејзините партнери на Балканот“.
 
- Уште од првите денови на миграциската криза, јас немав сомнеж дека главен клуч за решени ена истата е враќање на ефикасната контрола на надворешните граници на Европската унија. Очигледно, основен предуслов за постигнување на оваа цел е тесна соработка со нашите партнери на Балканот и во Турција - истакна Туск.
 
Според челникот на Евросоветот, кој заедно со комесарот за внатрешни работи и миграциски прашања Димитрис Аврамопулос ги претставуваат ЕУ-институциите денеска во Виена, денешните разговори во австриската престолнина се со цел да се постигне договор„како да се подобри ефикасноста на активностите“.
 
- Ние треба да потврдиме, како политички, такаи во пракса, дека западно-балканската рута на нелегална миграција е засекогаш затворена. Ова е причината зошто јас сум среќен што канцеларот на Австрија, Кристијан Керн, презеде иницијатива и го организира овој состанок – додаде Доналд Туск.
 
На денешнито Самит во Виена, покрај канцеларот Керн, кој е домаќин, присуствуваат и германската канцеларка Ангела Меркел, премиерите на Унгарија, Виктор Орбан, на Романија, Дачијан Чолош, на Словенија, Миро Церар, Хрватот Тихомир Орешковиќ, Бојко Борисов од Бугарија, како и премиерите на Република Македонија, Србија и Албанија, Емил Димитриев, Александар Вучиќ и Еди Рама, како претставници на не-ЕУ земјите што се наоѓаат на западно-балканската бегалска рута.