Македонија
6. April 2018 - 13:34

Уапсени учесниците во престрелката во Мала Речица, ова е автомобилот во кој биле фатени

Телевизијата Арт канал од Тетово објави видео снимката од автомобил за кој се верува дека бил на учесници во вчерашната вооружена престрелка во тетовска Мала Речица во која беше убиен Наип Реџепи, влијателен член на ДУИ во Куманово.

„На 05.04.2018 година околу 18,20 часот пријавено е пукање од огнено оружје во с.Мала Речица, тетовско. Повредени биле Н.Р. (46) од с.Белановце, општина Липково, кој во Клиничката болница Тетово им подлегнал на повредите, Ф.М. (22) од с.Черкези, кумановско, кој бил пренесен во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“-Скопје и С.Р.(41) од с.Белановце, општина Липково, кој бил задржан во болницата во Тетово.

Приведени се четири лица и задржани во СВР Тетово за понатамошна постапка.

Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа на СВР Тетово и притоа биле пронајдени траги од крв, осум чаури од пиштолска муниција, еден неиспукан куршум од пиштолска муниција, три зрна од куршуми и една безбол палка.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, стои во билтенот на МВР.

Извори за медиумите на албански јазик велат дека убиениот и ранетите изглегле од седиштето на ДУИ и по вербална расправија и тепачка дошло до пресметката.

ДУИ вчера се огради од настанот велејќи дека тој не се случил во седиштето на партијата и дека тие не може да бидат одговорни за сите инциденти кои се случуваат.