Бизнис
10. August 2021 - 17:00

Угостителите бараат укинување на одлуката за задолжителен вакцинален сертификат или се закануваат со затворање на локалите

Младенците на големо ги откажуваат свадбите после 16ти август. Строгата владина мерка  предизвика општ хаос и паника,  велат сопствениците на ресторани. Се откажуваат и останатите настани и свечености. Граѓаните ги повлекуваат резервациите и ги преместуваат прославите во своите домови, вили и викендици. Мерката е пребрза и има многу недоречености велат угостителите.

Од Независната угостителска комора доставија барање до Владата да ја укине  одлуката со која се забранува влез на невакцинирани гости во угостителските објекти. Во спротивно се заканија дека целосно ќе ги затворат локалите.

За задолжителниот сертификат за вакцинација за влез во угостителските објекти реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

-Секој, ама баш секој еден граѓанин во Република Македонија има право на избор и тоа право на избор не може и не само што не може, не смее да му го одземе ниту Зоран Заев, ниту Венко Филипче.

И повторно апелираме, граѓаните да требаат да се вакцинираат и да се заштитат, бидејќи никој нема да ги заштити друг, но исто така апелираме и до Владата и до Венко Филипче како совесен доктор, ако е совесен доктор, како Зоран Заев ако е совесен премиер, а не е, да не ги дискриминираат граѓаните, да не ги дискриминираат и оние кои што имаат доволно антитела, а не се вакцинирани или оние што воопшто не се вакцинирани.

Фашизоидните политики секогаш воделе кон пропаст., вели Арсовски портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од власта пак велат дека новите мерки и масовната вакцинација се за заштита на здравјето на граѓаните.

-Делувањето на пироманот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се на директна штета на здравствениот систем и претставува опоасност по здравјето на граѓаните. Граѓаните го казнија ова некрофилно и пироманско однесување на Мицкоски и тоа ќе го сторат повторно. Апелираме граѓаните да ги почитуваат новите мерки и да се вакцинираат. Повеќе вакцинирани, значи  помалку хоспитализирани и помалку рестрикции, значат заштита на здравјето на сите, велат од СДСМ.