Бизнис
6. јуни 2020 - 19:42

Угостителите работат со загуба и покрај отворањето на кафаните

Две недели по отворањето, угостителскиот сектор и натаму ниже загуби. Од комората велат дека не ни очекувале дека ќе работат со ќар, но се надевале дека барем ќе се врати навиката кај луѓето за да одат во кафана. Но, гостите ги нема, а викендов во четири општини угостителските објекти се пак под клуч, а во останатите работат само до 16 часот. Опоравување под вакви услови нема да има ни до крајот на годината.

Угостителите работат со 100% вработени затоа што тоа беше услов за да земат државна помош, а со 30% капацитет. Не можат да си ги покријат трошоците што значи ќе мора да се намалува бројот на работници, а во некои случаи ќе мора и да ги вратат парите што ги зедоа за работниците.

Освен угостителите со сериозен проблем се соочува и индустријата каде падот во април изнесуваше 40%. Најтешко е кај текстилците затоа што производството е намалено за 62%. Работодавачите се песимисти затоа што не се остварија прогнозите за крај на кризата до почетокот на летото и сега е јасно дека таа ќе продолжи и во третиот квартал. Половина од компаниите стравуваат дали ќе ги преживеат слендите три месеци, а нивните пресметки покажуваат дека без работа годинава ќе останат околу 40.000 работници. Според официјалните податоци пак, за два месеци бројот на невработени во земјава е зголемен за 13.455 лица.