Македонија
27. April 2021 - 16:45

Унапредените обвинители дадоа заклетва

Промовирани на нови позиции, се заколнаа на почитување на Уставот и на совесна и одговорна работа. Самите, пак, очекуваат од себе конкретни резултати во борбата против криминалот.

Ден за унапредување на десет обвинители, кои од денеска стапија на новите работни места. Фетаи, Пановски, Рајчев, Рустеми и Бундалевска-Георгиева од денеска се јавни обвинители во Вишото јавно обвинителство Скопје.

Еден час подоцна заклетва пред Советот дадоа и обвинителите од поранешното СЈО Стефанова, Ајро и Пеливанов, како и обвинителите Поп Трајкова и Колариќ, кои ќе бараат организиран криминал и корупција во институцијата која ја раководи Вилма Рускоска.

Изборот е позитивен чекор кој ќе го зголеми потенцијалот и ефикасноста на правната држава, коментира Фетаи.

Изборот беше проследен со реакции откако експертската јавност го оцени како неаргументирано изоставувањето на Ленче Ристовска за виш обвинител, која иако доби максимален број поени, не ја доби поддршката од 11-мината кои го правеа изборот.

Според новоизбраната виша обвинителка, постапката во која беа унапредени таа и нејзините колеги претставува, како што вели, почетен елемент на транспарентност за идните вакви процеси.