Македонија
4. November 2017 - 10:03

УНДП со најдобри експерти ќе го подобрува управувањето со заштитените подрачја во Македонија

Република Македонија изобилува со богата флора и фауна, но сепак има ограничена свест за вредностите на природните богатства и за важноста на одржливоста на екосистемите во и надвор од заштитените подрачја. За заштита на биодиверзитетот и екосистемите не се распределуваат доволно луѓе и финансии со што не може да се обезбеди рационално управување со природните богатства. Проблемот е повеќе во потфрлање на имплементацијата и во недостиг од човечки и финансиски ресурси отколку во недостиг на правна рамка.

За таа цел во Македонија се спроведува проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“ од Програмата за развој на обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Европската комисија дава помош за учество на вклучените страни и за подигање на свеста за придобивките од одржливо користење и управување со природните ресурси на среден и долг рок. За проектот се наменети 4,3 милиони евра.заштита на природа

- Овој проект е од големо значење за промовирање на одржливиот развој во земјата и постигнување напредок на индикаторите за одржлив развој за интегрирање на вредностите на екосистемите и биодиверзитетот во развојните процеси и планирањето на национално и локално ниво. За планираните активности во рамки на проектот и начинот на имплементирање на грантовата шема ќе ги информираме претставниците на локалната самоуправа и заинтересираните граѓански здруженија на информативните средби што ќе се одржат во сите региони низ земјата. На шести ноември сме во Струга, на седми ноември во Битола, на осми ноември во Скопје, а на 13-ти и 14-ти ноември во Велес и во Струмица. Ги покануваме сите што се заинтересирани да дојдат и да присуствуваат на овие информативни сесии од кои очекуваме да излезат добри идеи како да ја заштитиме природата и како да имаме одржливо и подобро управување со заштитените подрачја, информира за МИА Анита Коџоман од УНДП.

Инфо сесиите се првите активности во рамки на проектот, со кој ќе бидат опфатени трите национални паркови Пелистер, Маврово и Галичица и природниот резерват Јасен. Почетокот на проектот официјално беше означен на 12 јули 2017 година во Инфо центарот на Националниот парк Галичица, а ќе се спроведува до 31 октомври 2019 година. Галичица 1

Во рамки на проектот УНДП ќе ги донесе во Македонија најдобрите експерти, консултанти од областа на животната средина од светот за да ги пренесат своите искуства во Македонија. 

- Европската унија дава помош за подигање на свеста за придобивките од одржливото користење и управување со природните ресурси во земјата. Нашата поддршка за подобра иднина за сите граѓани во земјата е постојана, така што и со проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“ ќе и помогнеме на земјата да го заштити својот несекојдневно богат биодиверзитет, флората и фауната кои опфаќаат голем број автохтони домашни видови. Очекуваме дека ќе придонесеме и за подобрување на управувањето со природните ресурси и одржливоста на еко системите во и надвор од заштитените подрачја, изјави Маја Богдановска Зенделска од Делегацијата на ЕУ. 

Грант

Во рамки на проектот ќе бидат доделени околу 20 грантови, а потенцијални корисници се управувачките структури на заштитените подрачја, локалните самоуправи, невладините организации, на кои ќе им биде обезбедена техничка поддршка во идентификација, креирање и спроведување на проектите кои ќе бидат финансирани преку грантовите. Грантовите ќе се доделат на два начина: едни за поголемите, поразвиените заштитени подрачја со етаблирани управувачки структури (како националните паркови Пелистер, Галичица и Маврово) и едни за помалите, помалку развиени заштитени подрачја, каде уште нема воспоставено управувачка структура. Проектите ќе ги спроведуваат управувачките структури, локалните самоуправи и НВО секторот.

Ќе бидат доделени од пет до седум грантови во висина од 200.000 до 400.000 евра за грант, во зависност од специфичните потреби, капацитетите за спроведување на грантот и резултатите од тренинг програмата. Секој грант ќе биде прилагоден според специфичните околности и потребите на заштитеното подрачје. Буџетот на овие грантови ќе биде флексибилен, односно доделувањето нема да се одвива според принципот ист износ за сите апликанти.Преспа Пелистер

За помалите заштитени подрачја кои немаат управувачка структура, се планира преку проектот да бидат поддржани локални невладини организации или иницијативи преземени од општините кои ќе придонест за заштита и за управување со подрачјата, се залагаат за пријателска коегзистенција со животната средина и подигање на свеста за потребите за заштита и можностите за развој на заштитените подрачја. По објавувањето на повикот за аплицирање на грантови, ќе се врши селекција врз основа на квалитетот на предложените проекти/идеи и капацитетот за иплементација.

Преспа

Според Јадранка Иванова од Министерство за животна средина и просторно планирање, со успешното спроведување на овој проект ќе се даде придонес во заштитата и одржливото управување со природните ресурси во заштитените подрачја во државата.

-Ќе покажеме со конкретни примери дека инвестирањето во заштитата на природата ќе донесе економски придобивки на локално ниво, изјави Иванова.Јакупица Караџица

Вклучените страни во проектот очекуваат да се постигне вистинска и темелна заштита на природата, промовирање одржлива употреба на природните ресурси во Македонија, подобрување на управувањето со заштитените подрачја и поодржливо управување со природните богатства во заштитените подрачја во земјата.

Магдалена Ристоманов/МИА

Фотографии: Љубомир Стефанов