Македонија
13. April 2021 - 16:42

Утре ќе биде објавено како ќе изгледа проектот кај „Холидеј Ин“

Општина Центар сама не може да го спречи градењето на висококатниците на паркингот спроти ГТЦ. Градоначалникот Богдановиќ тврди дека другите институции не си ја работат работата за која се платени. 

-Сите предмети ги доставуваме до надлежните институции. Аман – заман, преземете нешто. Направете, значи имаме неусогласен план, кажа претседателката, стручни комисии го докажале тоа. Постапуваме по тоа, но ако некој не го фати за гуша тој што направил план во 2012, тој што го одобрил, џабе ние расправаме сега, вели градоначалникот Саша Богдановиќ.

Антикорупциска смета дека недоволната транспарентност во работата на општините резултирала со донесување ДУП-ови кои не се усогласени со Генералните планови. ДКСК се сомнева во ризици за корупција и влијание од страна на сопствениците врз планерите. Поради правни недоречености ДУП-от се уште не е суспендиран.

-Го охрабрувам градоначалникот пред да ја донесе одлуката за давање дозвола за планот да ги испита сите можности за да го стави планот под суспензија и да не донесува дозвола за градење кој што не е во согласност со Генералниот урбанистички план, вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Од друга страна, жителите на Ново Маало бараат час посокоро да почне изградбата на висококатниците. Велат дека во моментот тие не смеат ниту шајка да променат на нивните куќи и живеат во супстандардни услови во строгиот центар на Скопје.

-Ова маало доаѓа како ѓубриште на поголемите објекти во околината. Доаѓа едно ѓубриште, едно нецивилизирано место, неуредено, и самите гледате. Живеење во септички јами, без одвод, значи буквално 19 век.

-Ние сакаме да се изгради ова. Сигурно ќе добиеме повеќе од ова што го имаме, нормално е тоа, и ќе живееме како луѓе. Нема да одиме во кенефи во 21 век. Нема да ни паѓаат жициве па да немаме струја по ден-два.

Паркингот е на чекор до конечно бетонирање откако инвеститорот, фирмата „Обновители“ ги плати комуналиите во висина од околу 2,5 милиони евра. Токму таа постапка е последна пред конечно добивање дозвола за градба. На ова место треба да никнат три згради со околу 400 станови.

Досега над 7.000 граѓани ја потпишаа иницијативата која е против изградба на објектите спроти Холидеј Ин.