Македонија
23. February 2016 - 17:51

Утврдени проекти за развој на пелагонискиот регион

Советот за развој на пелагонискиот плански регион ги прифати годишните финансиски извештаи и извештаите за работењето на Центарот за развој на пелагонискиот плански регион-ЦРППР во 2015 година, како и одобрените проекти за регионален развој кои ЦРППР ќе ги реализира во 2016 година.

Градоначалниците од деветте пелагониски општини на денешната седница усвоија листа приоритетни проекти кои ќе се реализираат во регионот, информира ресенскиот градоначалник Ѓоко Стрезовски, кој ја врши функцијата претседател на Советот за развој на пелагонискиот плански регион.

- Фокусот на денешната седница беше ставен на учеството на ЦРППР во проектите за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Грција до 2020 година, но градоначалниците од регионот расправаа и за други квалитетни проекти кои би се реализирале во 2016 година. За одбележување е фактот дека во 2015 година во овој регион се реализирани над 20 проекти чија вредност е над 1,3 милиони евра, истакна Стрезовски.

Со одлука на Советот за развој на пелагонискиот плански регион во текот на годината ќе се реализираат проектот за подобрување на економските услуги од регионално значење и модернизација на регионален пазар во Прилеп, подобрување на регионална туристичка понуда - изградба на универзален простор со придружни содржини за одржување на фестивалот „Пеце Атанасоски“ во општина Долнени, регулирање на коритото на реката Црна, изградба на регионален пат во општина Кривогаштани, осветлување на сообраќајни клучки на регионалниот пат кон Ресен и проект за подобрување на регионалната конкурентност преку осовременување на условите за продажба на земјоделски производи во општина Демир Хисар.