Македонија
12. January 2016 - 18:16

Вајгл, Ховит и Кукан на работна средба во ДИК

Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) денеска одржаа работна средба со тројцата членови на Европскиот Парламент – Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едуард Кукан.

Претставниците на Европскиот парламент, како што е наведено во соопштението од ДИК, се интересирале за активностите преземени од ДИК и предизвиците со кои Комисијата се соочува.

Од страна на Државната изборна комисија се информирани дека и покрај големото задоцнување во нејзиното формирање, за период од две недели се исполнети двата клучни приоритета: избор на генерален секретар и утврдување на двата правилника за проверка на избирачкиот список. Со преземањето на овие активности, Државната изборна комисија создаде претпоставки за почнување на кадровското доекипирање и ажурирање на Избирачкиот список.

ЕУ пратениците, се додава во соопштението, се запознаени и дека процесот на кадровско доекипирање и почнување на водење и ажурирање на Избирачкиот список е условен од усогласувањето на политичките партии и надминување на институционалните и нормативните предизвици.

- Беа известени и дека се почнати активности за подготовка на операциски планови за имплементација на двете методологии за проверка на Избирачкиот список и дека се вршат и други активности во насока на обезбедување услови за спроведување фер и слободни избори. Тројцата европарламентарци ја пренесоа пораката дека Државната изборна комисија е поставена пред сериозна задача да спроведе избори според највисоки меѓународно стандарди, се наведува во соопштението од ДИК.