Македонија
3. February 2021 - 8:35

Вакцината на АстраЗенека прва ќе стигне преку Ковакс механизмот во март, овој месец се очекуваат вакцини од други производители со кои преговара земјата

Вакцината од АстраЗенека ќе ја сочинува првата количина која земјава ќе ја добие преку Ковакс системот, која е планирано да пристигне во март годинава. Министерството за здравство вчера информира дека Ковакс системот преку допис ги соопштил деталите за првата испорака и типот на вакцината која ќе пристигне во нашата земја.

Според дописот за земјава се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од оваа вакцина, од кои околу 35 отсто треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината.

Од Фајзер вакцините, како што навеле од Ковакс, во првиот бран на достава се вклучени 18 учесници, а не се вклучени земјите кои започнале сопствени програми за вакцинација против Ковид-19 и оти другите ќе бидат вклучени во идните фази на дистрибуција.

Системот, како што потенцираат од Министерството за здравство е целосно подготвен да ги прими количините на вакцините преку Ковакс механизмот, но истовремено обезбедува вакцини од други производители и преку други механизми, кои Република Македонија треба да ги добие. За таа цел во Собранието беа изгласани измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства кои се однесуваат на регистрација на вакцините против Ковид-19 во земјата, се наведува во соопштението.

Премиерот Зоран Заев завчера во интервју за печатеното издание на „Капитал“ посочи дека земјава обезбедува вакцини на сите можни начини и од сите можни извори кои светот ги користи и кои несомнено покажуваат резултати и се докажано безбедни.

– Очекуваме во текот на февруари во земјава да пристигнат вакцини од повеќе производители достапни за граѓаните, а првите верувам ќе бидат вакцината на „Фајзер“ и вакцината на „Синофарм“. Ние сме целосно подготвени за првите количини од аспект на нивното складирање во соодветни услови, од аспект на правно-процедурални постапки и се разбира од аспект на организациски план за вакцинирање. Затоа ја направивме и измената на Законот за лекови од причина што глобална политика на производителот на вакцини „Фајзер“ со кој имаме договор, бара да аплицира како меѓународно претставништво, а не преку фирма регистрирана во нашата држава, рече Заев.

Земјава, потенцираат од Министерството за здравство, има развиена безбедна и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата. За вакцините за кои што е потребно одржување на стандарден ладен ланец од 2°С до 8°С се користи постојниот логистички систем. За вакцините кои имаат посебен температурен режим на прием, складирање и транспорт на температура пониска од -70°С или -20°С се надогради постојната мрежа со обезбедување соодветни ладилници.

-Системот за вакцинација е целосно подготвен. Според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против КОВИД-19 ќе се спроведе во три фази. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се на првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртдн исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години, појаснуваат од Министерството за здравство.

Во земјава од почетокот на пандемијата бројот на ковид дијагностицирани е 93.160, на оздравени 82.520, на починати 2873. Активни се 7767, во последното деноноќие ново дијагностицирани се 407 случаи на Ковид 19.

Во болниците има слободни кревети. Во ковид центрите во болниците низ земјава се лекуваат вкупно 334 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 589 и има околу 500 празни болнички кревети во ковид центрите.