Македонија
20. March 2018 - 11:11

Венецијанската комисија со позитивна оценка за новиот закон за заштита од дискриминација

Новиот закон за спречување и заштита од дискриминација има голем број позитивни аспекти, е оценка на Венецијанската комисија, која го разгледуваше предлогот на 16 и 17 март и заклучи дека тој е многу подобар од досегашиот Закон. 

Како придобивка во новите законски решенија ја споменува тужбата за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis). 

- Здруженија, фондации и други организации од граѓанското општество, кои имаат оправдан интерес за заштита на интересите на одредена група или во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита од дискриминација, можат да поднесат тужба ако покажат дека со постапувањето на тужениот се дискриминираат голем број лица, се вели во новиот предлог закон.

Како позитивна е оценета и предвидената финансиска независност на Комисијата за заштита од дискриминација, како и проширување на нејзините одговорности и надлежности.

Во предлогот експлицитно се споменува сексуалната ориентација и родовниот идентитет, како основа за дискриминација. 

Како позитивен аспект Венецијанската комисија го оцени и тоа што релевантни здруженија и други организации може да иницираат постапки во име или за поддршка на жртвите на дискриминација, дури и ако конкретната жртва не е наведена. 

Венецијанската комисија дава и одредени препораки до изработувачите на законските решенија со цел да се подобри квалитетот и да се обезбеди усогласување со меѓународните и европските стандарди.

Се бара да се обезбеди вистинска независност на Комисијата, особено со измена на одредбите во врска со изборот и разрешувањето на нејзините членови. 

Се препорачува и ревидирање на членот 17 со цел во составот на Комисијата да се обезбеди плуралистичка застапеност на сите социјалните сили, вклучени во заштита и унапредување на еднаквноста.

Венецијанската комисија препорачува властите да организираат дополнителни детални консултативни процеси не само со невладините организации и меѓународната заедница, туку и со јавноста, особено со маргинализираните групи.

Претставници на Министерството за труд и социјална политика нагласуваат дека постојниот закон не бил доуреден, особено во насока на превенција од дискриминација, од аспект на современите нормативни трендови и меѓународн стандарди во однос на почитување на човековите права. 

Најзначајните промени се однесуваат на делот на основите на дискриминацијата и положбата на Комисијата за заштитата од дискриминација. 

Во ново законско решение се проширува дека дискриминацијата е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова по основ на раса, боја на кожа, национално или етничко потекло, пол, род, сексуална ориентација, припадност на маргинализираните групи, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, други видови уверувања, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа, кои имаат за цел да го спречат или ограничат признавањето, уживањето или остварувањето на правата и слободите на одредени лице или група на еднаква основа со другите. 

Лицата, кои сметаат дека претрпеле дискриминација можат да поднесат претставка до Комисијата, писмено или усно на записник, без обврска за плаќање на такса и друг надомест. 

Лицето, кое смета дека е диксриминирано може да поднесе тужба пред надлежен граѓански суд. Во постапката соодветно се применуваат одредбите од Законот за парнична постапка, освен ако со овој закон не е поинаку регулирано. Оваа постапка, согласно закононското решение, е итна.