Македонија
7. May 2020 - 19:42

Вештачки тревник наместо плочник на влезот на ГТЦ

Тревник никна на местото на старата куќа на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија. На него се уште се работи, но до утре треба да биде готов.

Опозицијата спори дека на тоа место не треба да има тревник. Од Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје велат дека многу тешко или воопшто не добивале информации за тоа како треба да изгледаат проектите на Градот.

„Требаше да направи плочник и најавуваше пешачки зони. Не знам зошто сега се одлучува за еден сосема друг проект. Генерално, ние како граѓани и како советници поддржуваме зеленило во Град Скопје, но онаму каде што му е место. Секако дека не му е место на Плоштадот што е многу фрекфентна зона и поминуваат голем број пешаци“, вели советничка од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје.

Нејасно е зошто Град Скопје го уредува овој простор со оглед на тоа што станува збор за приватна парцела која во 2013 година беше купена од компанија која требаше да ги гради т.н. „Шпански скали“.

Градоначалникот Шилегов денеска не одговори по кој основ Град Скопје работи на овој простор.

„Утре ќе имаме прес-конференција кога ќе го пуштиме тој објект во употреба. Ќе ги добиете одговорите на сите прашања“, кратко одговори Шилегов.

Тревникот е дел од проектот за уредување на делот од ГТЦ до Плоштадот. Уредувањето почна на крајот на септември минатата година, а според тогашните најави на градоначалникот, требаше да биде завршено до средината на ноември.