Бизнис
21. October 2020 - 21:46

Ветената помош се уште не стасала до компаниите, бирократските процедури го усложнуваат процесот

По речиси еден месец откако Владата го претстави четвртиот пакет за финансиска помош, вреден 470 милиони евра, фирмите и граѓаните сè уште ги чекаат ветените мерки.
Бизнис секторот постојано алармира дека итно им е потребна помош за справување со последиците од коронакризата, со цел фирмите да ги задржат работниците, што поскоро да ја вратат ликвидноста и повторно да бидат во добра кондиција.
Мерката за субвенционирање плати, на пример, треба да стартува од 1 ноември, од кога тече рокот за исплата на октомвриската плата. Но, пари за таа мерка, како и за грантовите за фирмите од најпогодените сектори и платежните картички за граѓаните треба да се обезбедат со ребалансот на буџетот.

“Можеме да најавиме дека законот за финансиска поддршка на работодавачи за исплата на плата за октомври, ноември и декември 2020 е веќе подготвен и дека очекуваме деновиве да биде усвоен штом биде разгледан на Владина седница, а потоа доставен до Собранието. Очекуваме овој закон да добие поддршка од Собранието со оглед на тоа дека ќе придонесе за заштита на десетици илјади места, но и стандардот на десетици илјади граѓани”, велат од Министерството за финансии.

И додека фирмите во Македонија ги чекаат ветените пари за опстанок, во другите држави процедурите за помош на стопанството се пократки.
Владата во Србија последниот пакет мерки, вреден 560 милиони евра, го усвои на 30 јули и речиси веднаш започна неговата реализација, односно првата исплата кон фирмите беше извршена за само десетина дена. Таму финансиската помош за фирмите автоматски се продолжува, а ако некоја компанија не ги сака парите, може да ги врати на сметката на државниот трезор. Србија од септември дава пари и за новите фирми, основани по прогласувањето на пандемијата.

Хрватската влада, пак, на 3 септември објави дека само го модифицира и проширува постоечкиот пакет мерки. Тие важеа заклучно со септември, па властите само го продолжија рокот на важност за до крајот на годинава, го зголемија износот на финансиска помош, но го проширија и опсегот на фирми кои имаат право да користат државна финансиска помош.