Македонија
23. November 2022 - 16:33

Виктор Димовски на затворена владина седница

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски денеска конечно на затворена владина седница ќе дава отчет за безбедносните пропусти во државјанство на контроверзниот Украинец Онишченkо, потврди премиерот Ковачевски.

Димовски ќе реферира за случајот по речиси две недели откако во јавноста се откри дека Владата му доделила македонски пасош на Онишченко, и покрај тоа што е на црната листа на САД и по него има украинска потерница.

Ковачевски не открива дали на оваа седница ќе се разгледа и можноста да се поништи решението за државјанство на Украинецот како што сугерираа правните експерти, а не открива ни дали средбата со високиот претставник на НАТО била токму за овој случај.

Опозицијата пак, бара оставка од Димовски и за овој случај, но и за тоа дека не назначува директор за внатрешна контрола во АНБ што му овозможува неконтролирано да ги користи оперативците.

Од ВМРО-ДПМНЕ се сомневаат и дека безбедносниот инцидент од Комисијата за надзор над АНБ кога тонски протече отчетот на Димовски на Јутуб иако седницата беше затворена е намерно инициран од власта.

Собранскиот спикер Џафери пак, потврдува дека ја суспендирал Комисијата, но за да може МВР да утврди како настанал пропустот, а не за намерно одлагање на отчетот.

- Мора да знаеме како се случи тоа. Дали е случајно, дали е човечка грешка, дали некој прислушкувал. Тоа МВР ќе си утврди, го чекаме нивниот извештај. Ние како Собрание немаме можност да направиме таков стручен надзор, рече Џафери на брифинг со новинарите.

Сепак, тој не негира дека и сега во парламентот има услови да се одржи затворена седница.

Во меѓувреме, пропадна и петтиот тендер за т.н. глува соба во Собранието, која е НАТО услов и со која ќе се надминат вакви пропусти. Цената на тендерот е над 33 милиони денари, односно половина милион евра. Шестиот обид е планиран за почетокот на наредната година.