Македонија
10. March 2020 - 13:33

Вкупно 6 деца од Скопје од денеска во домашна изолација

Вкупно шест деца од Скопје од денеска се во домашна изолација. Станува збор за  три деца од основното училиште „Владо Тасевски“ во Козле, две деца од основното училиште „Братство“ во Тафталиџе, како и едно дете од градинката „Пролет“.

Родителите на децата од „Владо Тасевски“ учествувале на симпозиумот на кој присуствуваше и заболената директорка на Клиниката за кожни болести Нина Цаца Билјановска.

Докторката Кујтиме Мехмети од Клиниката за кожни болести држела предавања во ОУ „Братство“ на 3 март. Таа сега е во 14-дневна домашна изолација заедно со нејзините две деца. Мехмети посочи дека не била во директен контакт со директорката заболена од коронавирус.

Градоначалникот на Карпош Стефан Богоев повика на смиреност истакнувајќи дека општината набавува дополнителни средства за хигиена.

– Свесни сме за паниката која се шири по основните училишта и градинките. Набавуваме дополнителни средства за хигиена, а покрај направената редовна дезинфекција, следува и вонредна дезинфекција на воспитно-образовните установи. Повикувам на смиреност – истакна Богоев при денешната посета на училиштето „Јан Амос Коменски“.

Според непотврдени информации, децата од основното и средното училиште „НОВА“ како и од градинката, се пуштени на распуст попладнево, што се очекува да трае до 24 март.

Затворање на градинките, училиштата и факултетите во наредните 14 дена, предложи Комисијата за заразни болести на денешниот состанок со министерот за здравство Венко Филипче. Министерот ќе го достави предлогот до Владата, која ќе одлучува на денешната седница.