Македонија
10. March 2016 - 14:59

Владата донесе одлука за вработување 112 поранешни професионални војници

Владата донесе одлука и акциски план со кој се предвидува вработување на 112 поранешни припадници на професионалниот состав на АРМ врз основа на Законот за служба во АРМ, информираше на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Предвидено е овие 112 лица да бидат вработени во поголем број државни институции и тоа, појасни Ѓорѓиев, 19 во институциите во Министерството за здравство, други 19 ќе бидат вработени во рамки на Управата за извршување на санкции, 45 во судска полиција, а останатите 29 лица ќе бидат вработени во Министерството за одбрана и тоа дел од нив ќе останат во работен однос во МО, а за дел од нив врз основа на понатамошните потреби на други државни институции и взаемната согласност и на институциите и на лицата кои партиципираат постои можност да бидат преземени во други државни институции.

- Значајно  е да се истакне дека е водена сметка овие лица да добијат вработувања во непосредна близина каде што имаат постојано живеалиште, а работните места каде што ќе бидат вработени се врз основа на степенот на нивното образование, исполнетост на законските услови и професионалното искуството кое го поседуваат, појасни Ѓорѓиев и додаде оти деновиве овие лица се или ќе бидат дополнително исконтактирани за да биде комплетирана  целокупната процедура, да бидат потпишани сите акти, договори за вработување, спогодби за преземање во останати  институции. Овој процес, според владиниот портпарол, ќе финишира со доделување на решенијата за вработување кој не треба да биде подолг од почетокот на следната недела.

- Со вработувањата на овие 112 поранешни профеисонални војници се комплетира онаа група лица на кои, на некој начин им беше доведен статусот во предизвик, немаа работно место, сега се комплетира целиот тој процес и е директен позитивен одговор од страна на Владата на барањата на професионалните војници, а е дел од една поширока палета на мерки и активности насочени  кон подобрување на статусот на  професионалните војници во Република Македонија, потенцира портпаролот Ѓорѓиев.

Убедени сме, подвлече, дека овие лица заради своето професионално искуство и образование, како и фактот што тие партиципирале во рамки на АРМ и учествувале во меѓународни мировни мисии, претставуваат квалитетен кадар и во целост ќе одговорат на поставените работни задачи на новите работни места, а институциите со ангажманот на овие лица ќе добијат во квалитет во рамки на човечкиот потенцијал.

Инаку, се работи за лица коишто го исполниле професионалниот договор за служба во АРМ и со навршување на старосната граница од 35 односно 38 години, тој договор престанал да важи и потоа останале невработени, а врз основа на Законот за служба во АРМ поднеле барања за вработување во државните институции.

На новинарско прашање во врска со прочистувањето на Избирачкиот список од страна на ДИК, Ѓорѓиев нагласи дека ставот на Владата е константен и беше истакнат и од претседателот на Владата за спроведување на изборите, Емил Димитриев.

- За изборите на 5 јуни постои соодветно доволно време да се уредат сите аспекти во насока на еден квалитетен Избирачки список. Ние веруваме дека ДИК ќе биде на висината на задачата и ќе успее да ја изврши работата за која е избрана и за која сите политички партии дале легитимитет, истакна владиниот портпарол.

Во однос на ситуацијата со мигрантската криза, по барање на новинарите Ѓорѓиев подвлече дека структурата и обемот на протокот на бегалци низ Република Македонија се условени од одлуките кои ги донесуваат останатите земји северно од нас на балканската рута и го дефинираат обемот и структурата на бегалци кои поминуваат низ нивните земји.

- Во овој момент границите на РМ не се затворени, но согласно координацијата што ја имаме со останатите земји и интересите на земјата, на јужната граница на РМ се пуштаат број на мигранти односно бегалци кој е еквивалентен на бројот на бегалци кои ја напуштаат РМ на северната граница и влегуваат во Србија. Сите останати аспекти ги согледуваме, ги менаџираме и тоа е процес кој бара големо внимание и ангажман од сите државни институции, појасни меѓу другото портпаролот Ѓорѓиев.