Македонија
7. February 2023 - 18:09

Владата ја одржа 127-та седница

Владата ја одржа 127-та седница на која донесени се повеќе одлуки, меѓу кои да се динамизира соработката со САД во рамки на Стратешкиот дијалог со САД, жените земјоделки да добиваат платено отсуство за мајчинство, во поддршката за микро земјоделски производители да се додадат и малите дестилерии, како и  предлог измени со коишто уплатно-исплатните места за игрите на среќа се предвидуваат на далечина од најмалку 500 метри од основни и средни училишта.

Владата, како што информираат од владината прес-служба, го утврди Планот за активности во рамките на Стратешкиот дијалог меѓу Република Северна Македонија и САД со период на реализација од 2023-2033 година, предложен од Министерството за надворешни работи.

По успешно одржаниот Стратешки дијалог со САД (02.06.2022 година), од страна на Министерството за надворешни работи, а во координација со другите релевантни институции, е пристапено кон подготовка на документи, со содржани предлог проекти за соработка со САД (остварливи на краток и долг рок), а на основа на дискусиите и добиената поддршка во рамки на Стратешкиот дијалог.
 
- Утврдувањето конкретни проекти за соработка на основа на разговорите во рамки на Стратешкиот дијалог – преточени во План на активности, според посочувањето од Министерството за надворешни работи, ќе овозможи динамизирање на соработката и што поскоро одржување на наредната сесија на Стратешкиот дијалог. Задолжено е Министерството за надворешни работи да го следи текот на реализацијата на проектите наведени во Планот и на секои шест месеци да поднесува извештај до Владата, се вели во соопштението од владината прес-служба.
 
Владата ја донесе Програмата за обезбедување на социјална сигурност за жените кои вршат земјоделска дејност, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
 
-За прв пат досега, со оваа Програма решавање на правото на користење на надоместок за мајчинство за време на спреченост на вршење на земјоделската дејност поради раѓање, кое право не е опфатено со прописите за платено породилно отсуство од областа на работните односи на вршителките на земјоделска дејност. Предвидена е мерка за финансиска поддршка во износ од 81.000,00 денари за деветмесечен надоместок за мајчинство на жените кои имаат статус на осигуреник Индивидуален земјоделец, стекнат согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување, во времетраење од 12 месеци пред раѓање на детето, се вели во соопштението.
 
Оваа Програма е предложена како времено решение, со цел излегување во пресрет на жените  земјоделки, до усогласување системско решение на кое што веќе се работи.  
 
Владата, на денешната седница ја донесе и Програмата за финансирање микро земјоделски производители на вино и алкохолни пијалоци за 2023 година.
 
Со Програмата ќе се реализираат активности за поддршка на субјекти коишто се регистрирани како производители на вино и субјекти коишто се регистрирани како Земјоделци - мали производители на жестоки алкохолни пијалаци или субјекти кои се регистрирани како мали дестилерии.

-Станува збор за доделување неповратна финансиска поддршка за инвестиции во опрема и основни средства и услуги, а корисници на средствата можат да бидат земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кои се регистрирани како производители на вино со максимален капацитет на производство до 50.000 литри годишно, или земјоделски стопанства или земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во МЗШВ и коишто се регистрирани во Електронскиот регистар во царинската управа како Земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци согласно Правилникот за начинот на оданочување со акциза на алкохол и алкохолни пијалаци и тутунски производи, или регистрирани во Електронскиот регистар во царинската управа како Мали независни производители на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци за комерцијални цели – мали дестилерии, согласно Правилникот за начинот на оданочување со акциза на алкохол и алкохолни пијалаци и тутунски производи, информираат од владината прес-служба.
 
Владата, на денешната седница, го утврди и Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, предложен од Министерството за финансии.

-Со цел заштита на младата популација измените и дополнувањата се предлага деловните простории, односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта. Со постојниот закон не е утврдена оддалеченоста на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од основни и средни училишта, односно не го утврдува ваквиот критериум, се вели во соопштението од владината прес-служба.
 
Исто така, меѓу целите на предложените измени се посочува на потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање на лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца, приредува еден вид на игра на среќа. А се зголемуваат и надоместоците за издавање лиценци за игри на среќа.