Бизнис
16. November 2021 - 17:10

Владата обезбеди 284,9 милиони денари за поддршка на нови 1216 вработувања во реалниот сектор

Владата на денешната 119-та редовна седница го разгледа и прифати ревидираниот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година.

Со ревидираниот Оперативен план, како што информираат од владината прес-служба, обезбедени се дополнителни средства за активни програми и мерки за вработување со ребалансот на Буџетот во износ од 284.960.000 денари за да се зајакне пристапот до активните политики за пазарот на труд, особено за нискоквалификувани невработени лица и лица од ранливите категории, како што е предвидено со Акциски план за реализација на препораките од заедничките заклучоци од Економско – финансискиот дијалог од јули 2021 година.

-Од вкупно предвидените средства за оваа намена 36.900.000 денари се наменети за Програмата 1, односно за поддршка за самовработување (претприемништво)  за дополнителни 115 самовработувања; 153.750.000 денари за мерката за субвенционирање на плати за 674 дополнителни невработени лица; за имплементација на нова пилот мерка за субвенционирање на плати во текстилниот сектор во Источниот плански регион за 300 невработени лица во висина од 73.800.000 денари, како и 15.289.200 денари за мерката вработување и раст на правни субјекти за 127 дополнителни вработувања, информираат од Владата.

Со овие измени и дополнувања, со ревидираниот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година, додаваат, ќе се зголеми опфатот на корисниците на програмите за вработување за 1216 невработени лица.