Бизнис
22. September 2021 - 16:41

Владата планира да им отстапи повеќе пари на општините од даноците од јануари 2022

Општините ќе добиваат повеќе пари од државата. Наместо 3% од персоналниот данок, колку што добиваа до сега,  во наредни 3 години процентот скалесто ќе се зголеми на 6 отсто, и  место сегашните 4,5 % од данокот на додадена вредност до 2024 та година ќе добиваат 6%. Тоа значи декa, согласно владините проекции, до 2024 oд 12,7 милиони евра, општините ќе добиваат нешто над 25 милиони евра, само од персоналецот. Додека пак од ДДВто, наместо 45,5 милиони евра, сумата ќе им се зголеми за  дополнителни 16 милиони евра или ќе достигне над 60 милиони евра.

Целта на законските измени, кои вчера ги усвои Владата е да се постигне поголема финансиската независност  на општините, да се научат подомаќински да трошат и да има поголема отчетност и транспарентност.  Ако и натаму трупаат долгови, ќе следат санкции.

Ќе се зголемат и блок дотациите кои државата им го дава на општините. Тоа се пари кои ги добива секоја општина за школите и за болниците, за плати на вработените и набавка на материјали.

Инаку предлог измените треба да ги усвои и Собранието, а се очекува да стапат на сила од 1 јануари наредната година.