Македонија
27. July 2020 - 17:49

Владимир Панчевски не се произнесе по обвинението, неговиот адвокат бара изземање на велешкиот Суд

Поранешниот претседател на Кривичен суд Скопје, Владимир Панчевски на денешната главна расправа пред Судот во Велес по обвинението за злоупотреба на системот АКМИС, одби да се изјасни дали го разбира обвинителнот акт, нагласувајчи дека не е подготвен за тоа и дека не се сретнал со неговите бранители.

– Јас немав можност од она што го видов како документација да се произнесам по обвинителниот акт, изјави Панчевски.

Судијката Валентина Георгиева нагласи дека Судот се уверил оти обвинетиот Панчевски не разбрал за што е обвинет и накратко ја изнесе содржината на обвинението.

Обвинетиот Панчевски побара Судот да му појасни на кој начин се повредени правата, кој е тој друг и какви последици има повредата на тие кривични права, бидејќи за тоа треба да има конкретни последици.

Бранителот на Панчевски, адвокатот Петро Јамуро појасни дека не е јасно обвинението како што е вака поставено и побара од ОЈО да го прецизира.

Тој рече дека сака да им укаже дека Владимир Панчевски е се уште вработен судија во Основен кривичен суд Скопје и има право на работен однос како судија.

Адвокатот Јанура уште додаде дека Судот е должен да сооопшти дали Владимир Панчевски е одјавен како судија и побара од велешкиот Суд да се обрати до Основниот кривичен суд Скопје да достави доказ дали фигурира Панчевски се уште како вработен.

Воедно тој побара од Судот мерката притвор на Панчевски веднаш да му биде укината, бидјеќи смета дека се додека е вработен како судија има право на имунитет и дека се прави повреда на тоа право.

На денешната главна расправа беа испитани четворица сведоци.

Една од сведоците Лилјана Спасевска, записничар во Онсовен суд 1 – Кривично одделение, потврди дека постоела листа со судии коишто ги добивале предметите рачно. Таа го спомна првиот случај на предмет на СЈО којшто завршил како предмет со звучни имиња кај судијката Татјана Михајловска која го добила и го работела по стариот закон на ЗКП.

Адвокатот на обвинетиот Панчевски, Петро Јанура побара изземање на судијката и на Основниот суд Велес поради, како што рече, негова нетрпеливост, и прераспределба на предметот на друг суд на надлежност.

Судијката и претседателот на велешкиот Суд моментно решаваат по ова негово барање.

Обвинетиот Панчевски, според обвинението поднесено од ОЈО Скопје, се товари дека во периодот од 23 јануари 2013 година до 14 септември 2016 година, со негов параф и усно давал наредби на службеници што имале пристап во АКМИС-от рачно да се распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, и кажувал на кој судија да се распредели предметот, со што целосно се изигрувал системот кој требало автоматски да ги распределува предметите.