Македонија
25. May 2023 - 16:42

Власта се подготвува за гласање, опозицијата обвинува за криминал во постапката за новите автопати

Финишира собраниската дебата и за последниот од петте закони со европско знаменце за Бехтел и Енка. 

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека цената за која треба да се градат коридорите е премногу висока, односно милијарда и пол евра сосе пенали. На пратениците од власта им порачаа дека функциите поминуваат, а образот останува. 

„Сите се застанати во одбрана на Артан Груби. Мака ми е да го гледам тоа. Не поради тоа што е нешто по националност. Немам јас ништо против никого. Само поради криминалното поведение. Мака ми е да ве гледам како правите криминали на една партија, која потоа со црни пари ви ги враќа внатре во партијата за да гласате за сите работи за коишто ве уценуваат“, изјави Бојан Стојановски, ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициските пратеници побараа повеќе одговори во врска со договорот, а од власта наместо да одговорат, им поставуваа контра-прашања целосно неповрзани со Бехтел и Енка.

„Поставив многу прашања и кога веќе се јавувате за реплика обидете се да одговорите бар на едно од поставените прашања. Ние го немаме договорот, вие го имате. Ние не сме потписници на законите, а вие сте. Не ми вртете околу“, изјави Лидија Петковска, ВМРО-ДПМНЕ.

„Дали вашата успешност, односно сите проблеми коишто настанаа на овие автопати со зголемување на нивната цена на коштање ќе остане истото како што не чини оваа вашата градоначалничка на градот Скопје? И чочекот што го игравте во вашето седиште пред централата? За изгубените 70 милиони евра грант за пречистителната станица и пропаѓање на целиот проект. Замислете, затоа што вашата градоначалничка не оди на состаноци и не ги почитува европските банки.“, изјави Марија Георгиевска од СДСМ.

Планот е утре да се гласаат во пакет сите пет закони. Премиерот очекува дека ќе има поддршка од мнозинството пратеници, оти, според него, ова било многу важно услогласување кое ќе донесе побрзо и поевтино градење на автопатите.

„На коридорот 10д веќе се работи на финализирање на пробивањето на вториот тунел, тоа треба да се случи деновиве. Рехабилитиран е патот кон Плетвар, односно проширен. И со изградбата на тунелите, таму ќе имаме магистрално решение коешто ќе оди практично од Градско до Прилеп, проширување на патот кај Росоман, за да имаме еднаш засекогаш, конечно направени регионални и магистрални патишта во државата како што треба“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Премиерот повтори дека договорот со американско-турскиот конзорциум е доставен до Јавното обвинителство, Антикорупциската комисија и вработените во Јавното претпријатие за државни патишта.

Пратениците со безбедносен сертификат имаа можност да присуствуваат на презентација на договорот, но такво барање досега не било доставено, бидејќи опозицијата не сакаше презентација, туку договорот да им биде даден за анализа.