Македонија
22. March 2017 - 15:26

ВМРО-ДПМНЕ: Ако СДСМ освои повеќе пратеници, ќе ја прифатиме волјата на народот

Доколку Заев смета дека со прифаќањето на тиранската платформа расне рејтингот на СДСМ, нека излезе на избори и нека го провери тоа. Ако навистина освои поголем број на пратеници, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прифати волјата на народот, наведува ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција на денешната изјава на лидерот на СДСМ.

Во реакцијата, ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека доколку освојат 62 пратеника на изборите, тогаш тиранската платформа нема да биде предмет врз основа на која би се формирала каква било коалиција. 

- Доколку Заев смета дека теоретски немало ништо да се смени дури и ВМРО-ДПМНЕ да освои 62 пратеници, сакаме да му укажеме дека се лаже. Ќе се сменат многу работи. Тиранската платформа нема да биде предмет врз основа на која би се формирала каква било коалиција. Впрочем и во преговорите со ДУИ, прв чекор на ВМРО-ДПМНЕ беше укажувањето дека разговори врз база на тиранската платформа се целосно неприфатливи, вели ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека граѓаните се помасовно ја отфрлаат, како што се вели, антидржавната и антинационалната политика на СДСМ.