Македонија
11. јуни 2021 - 20:02

ВМРО-ДПМНЕ на протест пред МНР

Власта пред пратениците да одговори за кои дополнителни анекси на Договорот со Бугарија преговара со официјална Софија, побара и денеска опозицијата предводена од ВМРО. По тридневна блокада на главните крстосници во Скопје денешниот протест се одржа пред МНР.

- Повикуваме до институциите особено до Заев, Димитров и Османи да се појават пред Собранието како дом каде што се наоѓаат народните избраници и таму на граѓаните преку пратениците и на јавноста да и објаснат за кои дополнителни анекси се разговара по однос на Договорот со Бугарија и зошто јавноста беше излажана во 2017 година дека Договорот со Бугарија ги решил сите македонско-бугарски спорови и го отвара патот за ЕУ, побара Антонијо Милошоски од ВМРО ДПМНЕ.

Викендов опозицијата нема да протестира ниту во Скопје ниту во останатите градови. За активностите од понеделник ќе се одлучува во зависност од одговорот од власта.

- Ако продолжат да бидат таинствени, конспиративни и не сакаат да споделат со јавноста за какви тајни анекси се преговара со Софија тогаш ќе имаат одговор каков што имаа и досега. Се надеваме дека ќе имаат демократски капацитет да покажат дека пред јавноста, Собранието и граѓаните нема работи кои што ги кријат на штета на Македонија”, додаде Милошоски.

Изминативе три дена освен во Скопје се протестираше и во 9 други градови низ државата.