Македонија
23. February 2017 - 11:11

ВМРО-ДПМНЕ: Нема да дозволиме редефинирање на Македонија

ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека СДСМ има намера да ја редефинира државата само за да дојде на власт и оти за оваа цел планира да ги крши и Уставот на Република Македонија.

- Она што го најавувавме за време на целата предизборна кампања, сега го гледаат сите. СДСМ се обидува самата со себе да се натпреварува во проширувањето на понудата кон албанските партии за да дојде на власт по секоја цена. СДСМ е цврсто влезена со намера за редефинирање на Република Македонија. СДСМ за оваа своја цел планира да го крши Уставот на Република Македонија. Тоа нема да го дозволиме, вели ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се наведува дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи дефакторизација на македонскиот народ и на другите етнички заедници кои живеат во Македонија.

- Го потсетуваме и СДСМ и секој друг кој што сака да се коцка со државните и националните интереси дека во Република Македонија има и други кои мислат на тие интереси и кои што се подготвени да се борат за нив. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата победија на изборите освојувајќи мнозинска поддршка и доверба од граѓаните на Република Македонија кои ја препознаа намерата на СДСМ за редефинирање на Македонија. Наша историска и идеолошка определба, но и мандат даден од мнозинството граѓани, е заштитата на државните и националните интереси во било која форма и во било која ситуација, истакнува ВМРО-ДПМНЕ.