Македонија
5. May 2017 - 9:38

ВМРО-ДПМНЕ: Одговорност за Заев и СДС

ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од лидерот на СДСМ Зоран Заев и од СДСМ бидејќи, според нив, тие делуваат антиуставно и противзаконски и затоа одговорност мора да има.

- Криминалецот Зоран Заев е поттикнувач и поддржувач на пеењето на албанската химна во Собранието, со кршење на Уставот, законот и Деловникот за работа на Собранието се обиде да избере тирански претседател на Собранието. Заев и СДС делуваат антиуставно и противзаконски и затоа одговорност мора да има, се посочува во соопштението.

Заев, како што се наведува, направи правен и политички преседан со што отвори можност во иднина, на незаконски начин да се гласа двојазичноста, албанските банкноти, двојазичните униформи, геноцидот и сите елементи од тиранската платформа, без да се почитува волјата на народот.

Во еден ден, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ, Заев ги направи Македонците и Бугари и Срби, и покажа како планира да ја витка кичмата на Македонецот во иднина.

- Заев се претвори во маша на Еди Рама и Хашим Тачи и станува закана по безбедноста во целиот регион. Криминалецот Зоран Заев со својата непресметливост предизвика меѓународен скандал и ги влоши билатералните односи на Република Македонија со Република Србија, за што уследија низа реакции на највисоките државни претставници од таа земја. Со својата непресметливост ја доведува во опасност Република Македонија, нејзината меѓународна репутација и односи со други држави, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ. 

Граѓаните, според нив, се згрозени и гневни од, како што стои, ваквиот дилетантизам на Заев и СДС.

- Граѓаните се постизборно измамени и бараат одговорност и нови парламентарни избори, се наведува во соопштението.